Владата на Република Северна Македонија го усвои официјалниот извештај за реализацијата на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, кој сведочи за значителен напредок во отворањето на институциите кон граѓаните. Над 20 владини институции целосно ги објавиле информациите побарани од јавноста, додека 22 институции ги направиле транспарентни своите постапки за јавни набавки, конкретни чекори што ја зајакнуваат довербата на граѓаните во управувањето со јавните средства, соопштија од Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење.
„На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на заклучоците од Стратегијата за транспарентност (2023–2026). Извештајот ги прикажува мерливите резултати постигнати од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, министерствата и другите државни институции.
Клучни постигнувања наведени во извештајот:
• Активна транспарентност кон граѓаните 20 институции ги објавиле на своите официјални веб-страници сите одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер, анонимизирани, почнувајќи од 24.6.2024 година. Три институции делумно ја исполниле оваа обврска, додека уште 15 институции се во завршна фаза на објавување.
• Отворање на постапките за јавни набавки 22 институции ги објавиле своите внатрешни процедури за јавни набавки на официјалните веб-страници. По завршувањето на периодот на мониторинг, и Министерството за социјална политика, демографија и млади ја објави својата процедура, давајќи дополнителен позитивен пример. Во меѓувреме, уште 16 институции се во процес на финализирање на објавите.
• Унапредување на Акцискиот план Ревидиран и усвоен е Акцискиот план на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, со пореални рокови и јасно утврдени одговорности за секоја мерка.
• Дигитални чекори и подготовка за иднината Министерството за дигитална трансформација работи на креирање посебни секции на владиниот портал за заменик-претседателите на Владата и министрите без ресор. Исто така, веќе е формирана меѓуинституционалната работна група за изработка на Нацрт-стратегијата за транспарентност 2027–2029, а во наредните денови се очекува Владата формално да ја одобри, со цел интензивната работа да започне во текот на март“.
Заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, истакна дека транспарентноста станува институционален стандард.
„Усвојувањето на овој извештај не е административен формалитет, туку доказ за реална посветеност да се обезбеди побрз и поцелосен пристап до информации. Преку меѓуинституционална соработка, градиме поотворена, поодговорна и подоверлива администрација за граѓаните“.
Текстот Фетаи: „Градиме поотворена и подоверлива администрација“ е превземен од МАКФАКС.






