Филипче доби поддршка од сестринските социјалдемократски партии од регионот на 32 Конгрес

Филипче доби поддршка од сестринските социјалдемократски партии од регионот на 32 Конгрес

пред 3 часа

На 32. Програмски конгрес на СДСМ во Скопје, се обратија претставници од сестринските социјалдемократски партии од регионот и Европа, со силна поддршка на СДСМ и претседателот Венко Филипче како и заедничка порака за продолжување на  европскиот пат на Македонија, борбата против корупцијата и зајакнување на демократските вредности.
Од името на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП), Марко Кричка порача дека партиите се дел од заедничко европско семејство и дека искуствата од регионот треба да помогнат во процесот на интеграција:
„Тоа е сложен процес и свесни сте за тоа, и сакаме да ви помогнеме да не ги правите истите грешки како што ги направивме ние. СДП и СДСМ се братски партии не само кога е во прашање регионот, туку и кога е во прашање европската сестринска приказна. Социјалната демократија секогаш била најсилна кога била најхрабра.“, рече Кричка.
Во своето обраќање, Срѓан Миливојевиќ од Демократската странка на Србија испрати порака за борба против корупцијата и враќање на политиката кај граѓаните:
„Студентите победуваат во Србија! Мафијата ја завршува својата епоха на Западен Балкан. Победува храброто и чесно срце. Европа бара чисти раце и чист образ.“
Од името на ДПС Црна Гора, Јасмин Бојаџиќ нагласи дека Северна Македонија и Црна Гора имаат заеднички европски пат и безбедносни приоритети:
„Црна Гора и Северна Македонија направија клучни чекори кон НАТО и отворање на патот кон ЕУ. НАТО е безбедносен чадор без кој државите на Балканот би биле изложени на сериозни ризици.“
Иван Вујовиќ од СДП Црна Гора порача дека иднината на регионот е во европското семејство:
„Вие Македонците успеавте да зачувате нешто најсвето за секој човек – ја зачувавте душата, а праведно би било токму вашата Македонија да биде среќна, богата и уредена европска земја.“
Бојан Костреш од Лигата на социјалдемократи на Војводина истакна дека политичката борба продолжува со јасна европска насока:
„Вчерашната Скопска иницијатива и денешниот конгрес се почеток на нивниот крај, почеток на вашата победа и почеток на слободна и европска Северна Македонија.“
Од Шведска, Маркус Олави Каупинен од Социјалдемократите нагласи дека политиката мора да се врати на реалните проблеми на граѓаните:
„Во време на криза мора да работиме заедно за заедничка цел , политиката мора да биде едноставна и јасна – социјална сигурност, еднаквост и реални решенија.“
На крајот од обраќањата, заедничка порака од сите говорници беше дека Северна Македонија припаѓа во Европската Унија и дека европската иднина зависи од зајакнување на демократијата, владеење на правото и борба против корупцијата.

Текстот Филипче доби поддршка од сестринските социјалдемократски партии од регионот на 32 Конгрес е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top