Управата за финансиска полиција до Обвинителството поднесе кривична пријава против В. К., поранешен извршен директор на секторот за воздухопловна техника во воздухопловната навигација М-НАВ, поради основи на сомнение за злоупотреба на службената положба, како и против Б. А. во својство на в.д. раководител на одделение за јавни набавки поради несовсено работење во службата.
В. К. ги злоупотребил службената положба и овластувањето на начин што извршил спојување на две сосема неспојливи јавни набавки во една, и тоа набавка за изработка на целосно оперативно решение за управување со документи, односно набавка на софтверско решение, со набавка на физичко и електронско архивирање документи, велат од Финансиската полиција.
Се додава дека тој, искористувајќи ја својата службена положба, во текот на 2022 година, спротивно на член 89 од Законот за јавните набавки, изработил технички спецификации и тендерска документација со дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка за обезбедување и имплементација на целосно оперативно решение за управување со документи со број на оглас 12253/2022. Вметнал услови и критериуми што доминантно се однесуваат на физичко архивирање на документите и немаат никаква врска со изработка на целосно оперативно решение за управување со документи, односно набавка на софтверско решение, што е спротивно на начелото на сразмерност од член 8 и начелото на конкуренција од член 5 од Законот за јавната набавка.
Второпријавената Б. А. како единствено лице што поседува овластување за водење постапки за јавни набавки, со пропуштање должен надзор, несовесно постапувала во вршењето на своите овластувања и должности на начин што, иако била свесна дека така подготвените тендерска документација и техничка спецификација се изготвени спротивно на Законот за јавните набавки, ја објавила на електронскиот системот за јавни набавки, со што овозможила нејзино спроведување.
Со така дефинираните дискриминирачки и несразмерни критериуми за квалитативен избор, намалувајќи ја конкуренцијата, пријавените го оштетиле буџетот на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје за износ од 1.493.433,00 денари и за оваа сума му овозможиле да оствари корист на правното лице Друштво за скенирање, обработка и складирање документи „Контего“ ДОО Скопје, со кое е склучен договор, соопшти Финансиската полиција.
Текстот Финансиската полиција го тресе поранешното раководство на М-НАВ, кривични за ексдиректор и раководител поради спорен тендер е превземен од МАКФАКС.