(Фото) Сиљановска-Давкова ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“

(Фото) Сиљановска-Давкова ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“

пред 4 часа

Светлана Мојсов е одликувана со Орден „8 Септември“ за нејзиниот исклучителен придонес во биохемијата и светската наука. Признанието на македонската научничка ѝ го врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечена церемонија во „Вила Водно“.

Примајќи го признанието, Мојсов со емоции се заблагодари за укажаната чест.

„Јас сум без зборови. Многу Ви благодарам“, рече Мојсов.

Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека иако научната кариера ја однела во Соединетите Американски Држави, Мојсов е родена во Скопје и, како што рече, со право можеме да ја сметаме за македонска научничка.

Мојсов дипломирала физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград, а докторирала на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд.

Нејзината научна работа е особено значајна за истражувањето на пептидите поврзани со глукагонот, кои подоцна имаат клучна улога во развојот на современи терапии за дијабетес и лекови за намалување на телесната тежина.

Во текот на својата кариера Мојсов има добиено бројни меѓународни признанија. Меѓу нив се награди од „VinFuture“, „Tang Prize“, „Lasker-DeBakey“, „BBVA Foundation“ и „Princess of Asturias“, а во 2023 година магазинот „Nature“ ја вброи меѓу десетте највлијателни научници на годината.

Во 2024 година беше и на листата на 100 највлијателни луѓе на магазинот „Time“, во категоријата иноватори.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова посочи дека научниот придонес на Мојсов ја надминува рамката на една земја и претставува придонес за светската наука.

„Денес, со ова највисоко државно одликување – Орденот „8 Септември“ – ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки, но и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови“, истакна претседателката.

Мојсов во Македонија е добитничка и на Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, а е прогласена и за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје. Предложена е и за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и за почесен член на МАНУ.

Текстот (Фото) Сиљановска-Давкова ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top