Министерот за правда, Јетон Шасивари, му одговори на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој упати отворено писмо на министерот за врска со Законот за јазици, односно за прашањето поврзано со полагањето на правосудниот испит на албански јазик.
Писмото на Шасивари го пренесуваме интегрално:
Прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик е премногу важно за да биде сведено на дневнополитички препукувања, партиски заслуги и меѓусебни обвинувања. Станува збор за прашање што заслужува сериозен правен пристап, институционална одговорност и решение што ќе обезбеди еднакви можности за сите кандидати, со целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди.
Најпрво, би сакал да потсетам дека ова прашање не се случи со моето доаѓање на функцијата-министер за правда. Тоа со години беше отворено прашање пред Министерството за правда. Од 2001 година, осум поранешни министри за правда -Албанци, кои доаѓаа од редовите на ДУИ, имаа можност и институционална одговорност да го решат начинот на полагање на правосудниот испит. Но, тоа не се случи.
Како универзитетски професор по право со над 25 годишно искуство, ги знам одблиску јазичните бариери со кои што се соочувале цели генерации на студенти Албанци. Како министер за правда денес ја имам можноста и одговорноста да ја сменам оваа реалност.
Затоа, денес најмалку што им прилега на оние кои со години ја носеа одговорноста за ова институционално прашање е да ја претставуваат сегашната иницијатива како проблем што настанал вчера, или да се поставуваат како единствени заштитници на јазичните права.
Јазичните права не се партиска сопственост, ниту се политички капитал на кој било поединец или политичка партија. Тие се права на граѓаните, а нивното обезбедување е обврска на институциите.
Како министер за правда, моја обврска не е да собирам политички поени, туку да обезбедам законско, функционално и долгорочно решение. Не работиме на решение за една политичка партија, туку за сите сегашни и идни кандидати кои сакаат да го полагаат правосудниот испит.
Не избравме пат на импровизации и одлуки за дневно-политичка употреба. Го избравме патот на правно издржано решение.
ДУИ нема монопол ниту врз Охридскиот рамковен договор, ниту врз албанскиот јазик, ниту врз правата на Албанците. Никој нема право прашањето на граѓанската еднаквост да го претвора во партиска сопственост.
Na 27 ноември, Ахмети во Собранието ќе има можност неговите забелешки да ги пренесе на известителите на Венецијанската Комисија.
Како министер за правда, нема да влегувам во натпревар кој дал повеќе изјави за јазичните права. Мојата одговорност е да обезбедам правно, институционално и европски одржливи решенија.
Ние нема да водиме политика со правата на граѓаните. Ќе ги решаваме проблемите што другите со децении ги оставиле нерешени.
Тоа е разликата меѓу политичката реторика и државничката одговорност.
Предлагаме единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди ќе се надополнуваат, а не да се исклучуваат.
Токму затоа сметам дека е потребно ова прашање да добие дополнителна правна потврда и мислење од Венецијанската комисија, најрелевантното советодавно тело на Советот на Европа за уставно-правни прашања. Ние немаме причина да се плашиме од европско мислење. Напротив, го бараме, затоа што веруваме дека правните аргументи, транспарентноста и институционалната одговорност се единствениот правилен пат до одржливо решение.
Оттука, ги отфрлам обидите оваа постапка да се претстави како затворен политички договор или како обид за ограничување на нечии права.
Целиот процес е отворен, транспарентен и инклузивен. Организиравме средби со деканите на правните факултети и со претставниците на студентите, ги слушаме нивните ставови, забелешки и предлози и сметаме дека нивниот глас мора да биде составен дел од конечниот пристап.
Дополнително, и претставниците на Венецијанската комисија ќе имаат можност непосредно да разговараат со институциите, академската заедница и студентите. Нема да се кријат аргументи, нема да се исклучуваат засегнатите страни и нема да се носат решенија зад затворени врати.
Господине Ахмети,
Наместо однапред да ја прогласувате иницијативата за деградација, предавство или политички маневар, оставете правните аргументи да бидат разгледани од надлежните институции и европските правни експерти. Не може секој обид за изнаоѓање системско решение автоматски да се прогласува за напад врз јазичните права.
Венецијанската комисија не е параван за институциите. Таа е можност правното решение да биде разгледано независно, стручно и според европските стандарди. Нејзиното мислење ќе биде важно за правната сигурност и за понатамошните чекори.
На крајот, сакам да порачам дека нема да дозволам ова прашање да стане предмет на партиско наддавање. Нема да се натпреваруваме кој повеќе придонел за правата на Албанците, ниту кој има поголемо политичко право да зборува во нивно име.
Историјата на институционалните одлуки е позната и секој може да ја провери.
Правата не се бранат со гласни политички декларации, туку со функционални институции, правно издржани решенија и доследна примена на законите.
Текстот Шасивари до Али Ахмети: Јазичните права не се штитат со отворени писма, туку со одржливи правни решенија е превземен од МАКФАКС.





