Швајцарската амбасада и Швајцарската агенција за развој и соработка, на припадниците од противпожарната единица во Берово денеска им ја врачија донацијата за справување со шумски пожари.
Преку оваа донација, противпожарната единица доби четири нови противпожарни возила, опрема за пожарникарите, дрон, како и обуки за пожарникарите за управување со дрон.
На настанот присуствуваше и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, кој посочи дека ваквата донација е особено важна за Малешевскиот Регион, за безбедноста на граѓаните и заштитата на шумите од пожари.
„Новите противпожарни возила, како и целокупната донација од нашите меѓународни поддржувачи, се од исклучителна важност не само за екипираноста на беровската Територијална противпожарна единица, туку и за безбедноста на граѓаните во урбаните и руралните подрачја, за пожарникарите и за заштитата на животната средина“, изјави вицепремиерот.
Во своето обраќање швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Техада, ја потенцираше важноста на Регионалниот план за унапредување на шумите во Малешевскиот Регион, како развоен стратешки план кој е подготвен со партиципативен пристап, со чија помош се воспоставува основа за одржливо управување со шумите и шумското земјиште во регионот.
„Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во областа на заштита и зачувување на природата многу години. Во последните десет години, оваа поддршка се спроведува преку Програмата за зачувување на природата, со главен фокус на регионот Брегалница. Многу пионерски активности се започнати и спроведени во овој регион и постигнати се прекрасни резултати за кои сите сме многу горди“, изјави Техада.