Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, денеска им оддадоа заслужено признание на професорите кои со својата посветеност, знаење и ентузијазам ги поврзуваат младите преку заедничките наставни часови.
– Позади секој час стојат труд, трпение и искрена верба дека секое дете заслужува да биде прифатено, почитувано и охрабрено да го покаже најдоброто од себе. Токму професорите создаваат простор во кој учениците учат заедно, градат пријателства и откриваат дека различностите се богатство што нѐ зближува. Посебна благодарност упатувам до професорите и училишните тимови од сите осум средни училишта: „Браќа Миладиновци“, „Здравко Цветковски“, „Боро Петрушевски“, „Цветан Димов“, „Д-р Панче Караѓозов“, „Арсени Јовков“, „Димитар Влахов“ и гимназијата „Јосип Броз Тито“. Вашата професионалност, истрајност и секојдневна посветеност се срцето на оваа иницијатива и причината таа да трае и да создава резултати – изјави Ѓорѓиевски.
Од 2018 година, деветта година по ред, Град Скопје континуирано го поддржува овој модел во сите осум средни училишта во градска надлежност во кои наставата се одвива на различни наставни јазици, информираат од општината.
– Горди сме што сме единствената локална самоуправа во државата со ваков континуитет, но уште повеќе сме свесни за одговорноста да продолжиме да го унапредуваме. Заеднички создаваме образовни можности што оставаат трајна вредност за младите и за целиот град. На професорите им честитам за заслужените признанија. Град Скопје ќе продолжи да стои зад вашиот труд и зад секоја иницијатива што гради доверба, почитување и заедништво. Иднината на Скопје расте во нашите училници. Наша обврска е секое дете во нив да го најде своето место и својата можност за успех – рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски изрази благодарност и до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за долгогодишното партнерство, стручната помош, обуките и поддршката за професорите и училиштата.
Текстот Ѓорѓиевски: Заедништвото почнува во училницата, признанија за професорите што го градат е превземен од МАКФАКС.





