Јаневска: Вештачката интелигенција е дел од образованието, но улогата на наставниот кадар е незаменлива

Јаневска: Вештачката интелигенција е дел од образованието, но улогата на наставниот кадар е незаменлива

пред 3 часа

Секој студент ја има вештачката интелигенција на својот телефон. Борбата не е таа да се запре, туку човекот да го има последниот збор. Во образованието, наша задача е да поставиме рамки и начини на нејзина употреба. Нив ги определуваме со Националната стратегијата за образование 2026–2032 и повеќе други документи, со кои целиме кон создавање дигитално зрело образовно опкружување, коешто ќе им овозможи на младите одговорно и креативно да ги користат новите технологии, во функција на личниот раст, граѓанскиот ангажман и општествениот напредок.

Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на панел дискусија на Машинскиот факултет во Скопје на тема „Редизајнирање на високото образование и универзитетите: вештачката интелигенција и соработката со индустријата како едни од најсериозните предизвици на денешното време“.

„Стратешкиот пристап на Владата е целосно во согласност со последните заклучоци на Советот на ЕУ, од мај 2026, кои се однесуваат на релацијата образование – вештачка интелигенција и бараат етички, безбеден и човечки центриран пристап кон оваа технолошка иновација“, рече Јаневска, нагласувајќи дека со нејзиното воведување, улогата на наставниот кадар станува уште посуштинска.

„Вештачката интелигенција може да објасни, но не и да му пријде на студентот со емпатија. Може да сумира содржина, но не и да види дека студентот е збунет со сумирањето. Не може да види каде греши, и зошто. Така што, таа не може да го замени професорот кој го води студентот низ студиската програма. Интеракцијата професор – студент гради знаење, вештини, вредности и карактер на студентот“, рече министерката.

Говорејќи за преземените чекори во насока на имплементирање на вештачката интелигенција во образовниот систем, Јаневска потенцираше дека министерството има одлична соработка со високообразовните институции со чија поддршка е изработен Водич за примена на вештачката интелигенција и организирани се обуки за наставниците во основните и средните училишта.

Нагласи дека важно е младите да бидат дигитално писмени и особено да ја разбираат суштината и правилно да ја применуваат технологијата.

„Компаниите бараат дипломирани студенти кои се технички писмени за вештачка интелигенција и имаат знаења во одреден домен. И потребни им се истовремено и научно ориентирани кадри, но и високообразовани професионалци. Затоа со новиот Закон за високо образование воведуваме концепт на дуално образование, како модел на студирање во кој се интегрира академската настава со практична обука во компанија, со цел студентите да стекнат знаења и професионални вештини потребни на пазарот на трудот, меѓу кои и дигиталните“, додаде министерката.

Панел дискусијата е дел од дводневна меѓународна конференција посветена на градење синергија за креирање иновативни решенија во процесот на дигитална трансформација, што ја организираат Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Асоцијацијата на европски професори по индустриско инженерство и менаџмент

Текстот Јаневска: Вештачката интелигенција е дел од образованието, но улогата на наставниот кадар е незаменлива е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top