Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, за стимулирање на научно-истражувачки проекти.
Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во наука. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет.
Министерката Јаневска посочи дека следната, 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што е континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.
„Преземаме бројни активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што потпишавме договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.
Укажа на зголемените плати на универзитетските професори за 14% и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus. Се подготвуваат, како што беше речено и две нови законски решенија, за високо образование и за научно-истражувачка дејност, што, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно – технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.
Текстот Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката е превземен од МАКФАКС.






