Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе стапи во контакт со адвокатот Тони Менкиноски и дека државата ќе ги искористи сите расположливи механизми за заштита на македонските граѓани, откако на Менкиноски му беше забранет влез во Бугарија до 2036 година.
„Денеска ќе го побарам адвокатот Менкиноски, имаме контакт, би сакал детално да се запознаам со случајот. Како држава ќе ги искористиме сите алатки кои ни стојат на располагање за да го заштитиме секој македонски граѓанин“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Менкиноски претходно информираше дека бугарските власти му забраниле влез во земјата во период од десет години, а во официјалниот документ што го добил било наведено дека тој наводно претставува закана за националната безбедност на Република Бугарија.
Адвокатот посочи дека забраната му била врачена на 6 март на граничниот премин, кога бил запрен при обид да влезе во Бугарија.
„После половина час чекање на граница ми ги доставија овие документи, ми удрија црн печат на пасошот“, изјави Менкиноски.
Тој изрази сомневање дека ваквата мерка е поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според него, обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Менкиноски оцени дека одлуката претставува притисок врз адвокатската професија и обид за заплашување, особено во контекст на постапките поврзани со правата на Македонците во Бугарија.
Тој потсети дека Бугарија треба да ги имплементира пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои се однесуваат на правото на Македонците во Бугарија да имаат свои здруженија, политичка партија и право на самоидентификација.
Адвокатот најави дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за оспорување на одлуката, а случајот ќе го достави до Комесарот за човекови права, Европскиот парламент, ОБСЕ, Обединетите нации и други меѓународни организации.
Мицкоски вчера изјави дека доколку се потврди ваквата одлука, тоа би било „уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед“ и оцени дека земјите членки на Европската Унија треба да реагираат доколку се утврди дека забраната навистина е изречена.
„Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред сѐ, мислам на земјите-членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат, доколку се потврди дека ова е точно“, рече Мицкоски.
Текстот Ќе го побарам Менкиноски, државата ќе ги искористи сите алатки за заштита на граѓаните, рече Мицкоски по забраната за влез на адвокатот во Бугарија е превземен од МАКФАКС.






