Џафери – Левиц: Mакедонски воен контингент ќе биде распореден во Латвија во јуни

пред 3 години

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со претседателот на Латвија, Егилс Левиц, кој престојува во официјална посета на нашата држава.

„Истакнувајќи дека билатералните прашања не треба да се пречка за преговорите, претседателот Џафери информираше дека контактите со Бугарија се интензивни што му дава надеж дека до крајот на француското претседателство со ЕУ, процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија ќе биде деблокиран“, се наведува во соопштението за средбата.

Претседателот Левиц нагласил дека Латвија отсекогаш го поддржувала процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан според критериумите за членство и напредокот на секоја од земјите во таа насока, додавајќи дека Северна Македонија направила сѐ од своја страна и дека сега е време Европската унија да ги преземе понатамошните чекори.

Левиц ја поздравил и одлуката за воено присуство во источниот дел на алијансата на првиот контингент од Република Северна Македонија кој се подготвува да биде распореден во Латвија во јуни 2022 година.

„Соговорниците разменија мислења и за состојбата во Украина, ја осудија агресијата на Руската Федерација и се согласија дека е потребно да се покаже солидарност со граѓаните на Украина и силно да се поддржи меѓународниот правен поредок со цел да се избегне глобална анархија“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Џафери.

На средбата присуствувала и Моника Зајкова во функција на претседателка на Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на Балтичките земји: Естонија, Латвија и Литванија.

 

 

Share
Scroll to Top