Карло Анчелоти, човекот кој ја имаше честа на двајцата да им биде тренер, вели дека Златан Ибрахимовиќ и Кристијано Роналдо се „бесмртни“ откако двајцата остануваат први ѕвезди во италијанската Серија А иако заедно имаат 74 години.
39-годишниот Ибрахимовиќ е најдобар стрелец во Серија А со Милан, додека 35-годишниот Роналдо е на второто место и Анчелоти, иако во моментов работи на Премиер лигата, го следи италијанскиот фудбал. Тој признава дека сметал дека кариерата на Ибрахимовиќ е завршена кога се пресели во Лос Анџелес галакси во 2018, но тој и во Италија покажа дека е во топ-форма со 20 гола во 29 меча за Милан.
„Кога Ибра отиде во Америка, мислев дека тоа е збогум. Наместо тоа, тој постигна многу голови таму, па се врати во Италија и сега дава гол секоја недела! Прашајте го дали го барав во Наполи. Тој е бесмртен исто како Кристијано Роналдо. Продолжуваат да играат и тоа секогаш постигнуваат голови. Не треба да сте научник да го сфатите тоа“, вели Анчелоти во интервју за „Спорт медијасет“.
Ибрахимовиќ помогна Милан да е на првото место во Серија А со два поени пред Сасуоло и четири пред Јувентус, но Анчелоти, човекот кој ги имаше најголемите успеси со „росонерите“ вели дека уште недостасува за трофеи.
„Имаат одлични резултати, но им недостасува нешто да се на нивото на Јувентус и Интер. Но, да не заборавиме дека ова е чудна сезона и секаде има изненадувања. Може и тоа да се случи“, вели Анчелоти.