Возачот на Дукати, Франческо Бањаја триумфираше попладнево на трката на патеката „Марко Симончели“ во Мизано, за Големата награда на Сан Марино и Римини, 14-та од овогодинешниот Мото ГП шампионат.
Откако минатиот викенд ги издржа нападите од Марк Маркез во Арагон, денеска Бањаја успеа да дојде до вториот триумф во кариерата во „кралската класа“ затоа што целта ја помина пред Фабио Квартараро (Јамаха) кој доцнеше само 364 илјадитинки зад Италијанецот.
На третата позиција заврши возачот на Авинти – Енеа Бастијанини.
Марк Маркез трката ја заврши како четврти, а во првата 10-ка место имаше и за Жоан Мир, Пол Еспаргаро, Алеиш Еспаргаро, Бред Биндер и Такаки Накагами.
Ветеранот Валентино Роси трката ја заврши како 17-ти.
Во генералниот пласман, Квартараро е прв со 234 бодови, Бањаја има 48 помалку од него, додека трет е Мир со 167 поени.
Наредната трка се вози на 3. октомври во Остин, за ГН на САД.