Благоја Милевски повеќе не е селектор на Македонија

Благоја Милевски повеќе не е селектор на Македонија

пред 2 часа

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да не го продолжи договорот со селекторот на националниот тим, Благоја Милевски, чиј мандат истече на 30 ноември.

Во својот мандат на клупата, од 1. август 2021 година, Милевски ја предводеше Македонија на 48 натпревари. Под негово водство, репрезентацијата забележа 18 победи, 14 нерешени и 16 порази. Во овој период, Македонија успеа да избори два бараж дуели за пласман на Светско првенство, заврши како првопласирана во Ц сегментот од Лигата на нации и обезбеди настап во Б дивизијата во следното издание на натпреварувањето.

Фудбалската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до селекторот Благоја Милевски и неговиот стручен штаб за посветената работа, професионалната соработка и постигнатите резултати.

„Управниот одбор на ФФМ смета дека на македонската репрезентација ѝ е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици што ја очекуваат нашата национална селекција. Веруваме дека со нов стручeн тим ќе се внесе „нов ветер“ во работата на тимот, кој ќе овозможи уште поголема конкурентност и амбиција во натпреварите на Македонија.

ФФМ останува целосно посветена на создавање најдобри можни услови за работа, како и на обезбедување максимална поддршка за репрезентацијата. Досегашната соработка со стручниот штаб предводен од Милевски беше на високо професионално ниво и ја цениме нивната посветеност и односот кон репрезентацијата. Остануваме подготвени со истата посветеност, да ги поддржиме идните планови и предизвици на македонската А репрезентација“, соопшти ФФМ.

Управниот одбор на ФФМ најдоцна до 25. декември 2025 година ќе донесе одлука за назначување на нов селектор.

Foto/ EPA

Share
Scroll to Top