Репрезентативците на Белгија ја победија Турција во Измир, по пресврт, со 2:1 во натпреварот од петтото коло од А дивизијата на Лигата на нации.
На дебито на новиот селектор Серген Јалчин, Турците поведоа со ремек делото на Арда Гулер во 20-та минута од слободен удар.
Сепак, Кевин Де Брујне во 27-та минута и Шарл Де Кетеларе во 30-та минута донесоа пресврт и победа на Белгијците.
Турција добро го отвори натпреварот и се обиде да се наметне пред своите навивачи, но Белгија прва сериозно се закани. Судијата Сандро Шерер не досуди пенал по дуелот на Мерих Демирал и Натан Нгој, а домашните набрзо поведоа.
Се играше 20-та минута кога Арда Гулер изведе фантастичен слободен удар. По прекршокот на Николас Раскин на работ од шеснаесетникот, играчот на Реал Мадрид ја испрати топката зад грбот на Сени Ламенс.
Сепак, радоста на домашните траеше само седум минути. Жереми Доку лесно го надмудри Огуз Ајдин на левата страна, а потоа му асистираше на Кевин Де Брујне, кој ја затресе мрежата со прецизен удар за 1:1.
Белгијците успеаја да направат целосен пресврт во 30-та минута. По лошата реакција на турската одбрана, голманот Угурџан Чакир го одбрани првиот обид на Диего Мореира, но Максим Де Кујпер одбиената топка му ја додаде на Шарл Де Кетеларе, кој само ја проследи во мрежата.
Белгија продолжи да да притиска по водството. Де Брујне и Доку имаа шанси да го зголемат водството, додека Чакир го спречи обидот на Де Кетеларе да го постигне вториот гол.
Турција се обидуваше да се врати во натпреварот, а Сени Ламенс мораше да интервенира по контра-ударот на Барис Јилмаз. На крајот, тој го спречи и обидот на Дениз Ѓул, па Белгија го задржа водството до крајот.
Од 20:45 часот, во вториот натпревар од групата, се среќаваат Италија – Франција.
Белгија е втора на табелата со девет бода, зад Франција со 10, Италија има седум, додека Турција е последна без бодови.
Foto/ Depositphotos






