Фантастичен расплет се случи вечерва во Е групата на Светското првенство. Еквадор, по пресврт, ја победи фаворизираната Германија со 2:1, додека Брегот Слонова Коска со 2:0 славеше над Курасао.
Германија и пред оваа рунда го освои првото место, БСК се втори, а Еквадор од третата позиција оди во нокаут фазата. Курасао, историскиот прв настап на Мундијалите го заврши со еден бод.
Екипата на Јулијан Нагелсман започна силно, а во втората минута Лирој Сане постигна гол за 1:0 по додавањето на Флоријан Вирц. Голот веројатно ќе се води како најголемата судиска грешка во досегашниот тек од Мундијалот, бидејќи Павловиќ со високо крената нога, го закачи противникот по лицето, потоа му додаде на Вирц, кој му асистираше на Сане. Сепак за американската постава на теренот и Вар собата немаше ништо спорно.
Во тие моменти се чинеше дека преминот на Еквадор во следната фаза е во доменот на теоријата.
Сепак, екипата на Себастијан Бакасе постигна гол на време. Веќе во деветтата минута, Нилсон Ангуло од Сандерленд постигна гол за 1:1.
Долго време нерешениот резултат беше активен, Еквадорците беа подобри, но немаше големи шанси.
Решавачкиот момент го видовме во 77-та минута, кога Гонзало Плата беше најснаодлив и ја искористи лошата комуникација на германската одбрана при една мешаница пред голот на Нојер.
На вториот натпревар, во Филаделфија, Курасао повторно беше многу борбен, но разликата во класата беше очигледна. Двоен стрелец беше Николас Пепе од Виљареал, тој погоди во седмата и 64-та минута.
Foto/ EPA






