(Видео) Прва голема сензација – Парагвај ја елиминираше Германија од СП по изведување на пенали

(Видео) Прва голема сензација – Парагвај ја елиминираше Германија од СП по изведување на пенали

пред 26 минути

Репрезентацијата на Парагвај ја приреди првата сензација на Светското првенство. Парагвајците ја елиминираа Германија во 1/16 финалето. Натпреварот заврши 1:1 по 120 минути, а по шест пенал серии, Парагвај славеше со 4:3.

Германците доживеаа дебакл на третото Светско првенство по ред, бидејќи беа елиминирани во групата во претходните две, а сега во првата нокаут рунда, од објективно послаба селекција. Ова е воедно прв пат „панцерите“ да загубат пенал серија на СП.

Парагвај нема квалитет каков што има Германија, но Парагвајците во Бостон, имаа големо срце и желба да му го загорчат животот на противникот.

Имаа јасна цел, топката му ја препуштија на противникот, а своите шанси ги бараа од контранападите.

Германија во првиот дел доминираше во поседот но не направи ништо конкретно пред голот на извонредниот голман, Хил.

За разлика од германците, Парагвај постигна гол од првата сериозна акција, во 42-та минута стрелец беше Енсисо.

Германците се вратија во мечот во 54-та минута со голот на Хаверц. До крајот на регуларниот тек напаѓаа, но не можеа да го пробијат блокот на противникот.

Во продолженијата Германија постигна гол, во 102-та минута преку Та, но по асистенција на ВАР собата, судијата го поништи, бидејќи Антон го фаулираше голманот.

До крајот на продолженијата Германците имаа две добри шанси, два пати се истакна Хил.

Пенал серијата беше исклучително драматична. Откако, Хил ги одбрани ударите на Хаверц во првата и Волтемаде во четвртата серија, Парагвајците не реализираа два пати за победа, Санабрија шутираше крај голот, а Нојер го одбрани ударот на Баблубена.

Во шестата, Та шутираше над голот, а Канале, еден од хероите на Парагвај, стави точка на мечот.

Парагвај во осминафиналето ќе игра против победникот од натпреварот меѓу Франција и Шведска.

Share
Scroll to Top