Реал Мадрид се врати „дома“ и забележа 2:1 победа над Реал Сосиедад за петти триумф во низа на стартот на новата сезона во шпанскиот фудбал.
На обновениот „Сантијаго Бернабеу“, прво имаше песна за играчот на месецот во Ла лига, Џуд Белингем, за потоа на теренот да се дојде до борбена камбек победа за совршени 5-0-0 на стартот на сезоната за тимот на Карло Анчелоти.
Кога заврши прославата, Сосиедад дојдоа до експресно водство, кога Андер Беренечеа по само пет минути игра го совлада Кепа, и овој резултат гостите го одржуваа до крајот на полувремето. Тогаш на сцена стапи Фран Гарсија – тој прво му асистираше на Федерико Валверде веќе во 46. минута за израмнување, за потоа да запише уште една асистенција, овојпат до Хозелу во 60. минута за 2:1.