(Видео) Танго Аргентино на „Метрополитано“ – Атлетикого декласира Хетафе

(Видео) Танго Аргентино на „Метрополитано“ – Атлетикого декласира Хетафе

пред 10 часа

Атлетико Мадрид е првиот полуфиналист на шпанскиот Кралски куп по убедливата победа над Хетафе. Натпреварот на стадионот „Метрополитано“ во шпанската престолнина заврши со резултат 5:0 (3:0).

Прашањето околу конечниот победник „јорганџиите“ го решија во првото полувреме кога дојдоа до недостижни три гола предност.

Блескаше синот на тренерот Диего Симеоне, 22-годишниот Џулијано.

Најмладиот син Чоло ги постигна првите два гола во воведните 17 минути и најави убедлив триумф. Прво во осмата минута по комбинација со Хави Галан, а потоа во 17. по најубавата акција на натпреварот во која учествуваа тројца Аргентинци: Хулијан Алварез, Родриго Де Пол и стрелецот Џулијано Симеоне.

Третиот гол го постигна Бразилецот Самуел Лино во 42. минута.

Џулијано Симеоне можеше да постигне хет-трик, но неговиот гол беше поништен поради офсајд на почетокот на вториот дел.

Во останатиот дел од натпреварот, фудбалерите на Атлетико рутински си ја завршија работата, фокусирани на следниот натпревар, бидејќи викендов на „Бернабеу“ му гостуваат на градскиот ривал Реал.

Четвртиот гол го постигна уште еден Аргентинец, Анхел Кореа, од 20 метри со силен и прецизен удар во 78. минута, а конечниот резултат осум минути подоцна го постави Норвежанецот Александар Серлот на асистенција на Кореа.

Тоа беше првиот четвртфинален натпревар од Купот на кралот. Леганес и Реал Мадрид играат во среда, а за четврток се закажани два натпревари: Реал Сосиедад – Осасуна и Валенсија – Барселона.

Share
Scroll to Top