Дали некој плаќа за Дембеле да ја освои Златната топка?

Дали некој плаќа за Дембеле да ја освои Златната топка?

пред 9 часа

Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Усман Дембеле, одигра клучна улога во најуспешната сезона во клупската историја, во која „светците“ прв пат во историјата ја освоија Лигата на шампионите. Со 35 постигнати гола и 16 асистенции, тој беше движечката сила на тимот на Луис Енрике.

Благодарение на импресивната сезона, Дембеле се смета за еден од главните фаворити за освојување на „Златната топка“.

Малкумина би биле изненадени доколку на 22 септември во Париз, Дембеле не ја добие престижната награда.

Тинејџерската сензација Ламин Јамал и Мохамед Салах од Ливерпул се исто така во трката, но се чини дека некои Пи-ар агенции вложуваат дополнителен напор за да се осигурат дека Дембеле нема да остане во нивна сенка.

Сепак, автентичноста на е-поштата што беше објавена во јавноста, а која го фаворизира 28-годишниот Французин, сè уште не е потврдена.

Целата приказна ја започна Нил Гарднер, австралиски креатор на фудбалски содржини кого го следат повеќе од 120.000 луѓе на „X“. Тој тврди дека бил контактиран од неименувана агенција со предлог поврзан со кандидатурата на Дембеле.

Е-поштата сугерирала дека трена да објави три „внимателно изработени твитови неделно во текот на еден месец што би ги истакнале неговите перформанси, влијание и целокупниот аргумент за оваа награда“.

Сепак, автентичноста на оваа наводна кампања останува под знак прашалник, особено откако гласањето за најпрестижната индивидуална фудбалска награда заврши пред неколку недели.

Гарднер не го откри името на Пи-ар агенцијата или точното време кога ја добил понудата, но тврди дека ги одбил парите за да разоткрие можна корупција.

„Неодамна ми се обрати Пи-ар агенција да водам ПЛАТЕНА кампања во корист на кандидатурата на Дембеле за „Златната топка“. Не знам кој ја финансира, но мислам дека е апсолутно смешно и морав да ја подигнам свеста за тоа“, напиша тој во својата објава.

Свесен дека таквата објава може да му наштети на угледот, Гарднер ја бранеше својата одлука во коментарите. „Апсолутно сум свесен за последиците“, му одговори тој на еден критичар. „Ова беше УЖАСНА деловна одлука од моја страна, но погодете што? Не ми е гајле.“ Додаде: „Доволно сум привилегиран да бидам во позиција каде што можам, и сум одбил, илјадници долари. Тоа е тоа. Веќе живеам повеќе од добро.“

Foto/ EPA

Share
Scroll to Top