Хаким Зијеш (31) сака да го напушти Галатасарај. Мароканскиот крилен напаѓач пристигна на позајмица во турскиот клуб во летото 2023. Минатата сезона забележа 23 настапи на кои постигна осум и пет асистенции, а ги освои и Суперкупот и шампионатот на Турција.
Потоа го напушти Челзи како слободен играч и потпиша едногодишен договор со опција за продолжување на уште една сезона. Но, во последните месеци тој падна во втор план.
На 11 натпревари одигра смо 320 минути, без конкретен учинок.
Турскиот новинар Халук Јурекли тврди дека Зијеш е незадоволен и сака да го напушти клубот во зимскиот преоден рок. Тој ги цитираше неговите наводни зборови, кои ги пренесоа бројни турски медиуми, но и меѓународни како „Гол“ и „Марка“.
„Галатасарај е завршена работа за мене. Не сакам повеќе да играм овде. Си заминувам во јануари. Никогаш не сум видел толку лош тренер (Окан Бурук). Сакам да ме остават на мира. Се каам што дојдов овде“, наводно рекол Зијеш.
Зијеш е роден во Холандија и има двојно државјанство. Играше во младинските редови на родниот Дронтен, а потоа замина во Херенвен, Твенте и Ајакс. Челзи му плати 40 милиони евра во 2020 година и за нив постигна 14 гола во 107 натпревари.
За мароканската репрезентација има 64 настапи и 25 голови. „Трансфермаркт“ неговата вредност ја проценува на седум милиони евра.