Клубовите од англиската Премиер лига подготвуваат судска постапка против Манчестер Сити откако независна комисија го прогласи клубот за виновен по речиси сите точки од обвинението за кршење на финансиските правила. Како што дознава „Атлетик“, разговорите за судска постапка сега се интензивираат.
Неколку клубови претходно ангажираа адвокати за да ги испитаат основите за обештетување, а некои од нив веќе преговараат едни со други. Адвокатските канцеларии, исто така, контактираат клубови и ги информираат за можностите за барање обештетување.
Независна комисија ги прогласи осумкратните шампиони на Англија за виновни по 114 од 115-те обвиненија поднесени против нив од лигата.
Одлуката од јуни, кога независна комисија му наложи на Евертон да му плати на Барнли 35,1 милиони фунти (40,8 милиони евра), се наведува како клучен преседан за можни тужби.
Евертон доби несоодветна предност на теренот, а се смета дека секоја судска постапка ќе биде можна само откако ќе заврши жалбениот процес, а од Манчестер Сити се очекува да поднесе жалба на пресудата.
Некои клубови би можеле, на пример, да тврдат дека поради прекршувањата на Сити, останале без место во Лигата на шампионите и поврзаните бонуси за спонзорство.
„Атлетик“ исто така дозна дека се разгледува можноста за заедничка тужба, во која неколку клубови би се здружиле во барање за надомест.
Коментирајќи ја пресудата, портпаролот на Манчестер Сити за „Атлетик“ изјави: „Процесот во Премиер лигата е сè уште во тек, остануваат важни чекори и целиот процес е строго доверлив. Затоа, ставот на Манчестер Сити останува непроменет во однос на изјавата на клубот од февруари 2023 година“.
„Клубот совесно ја следеше постапката осум години и веруваше дека одборот и раководството на Премиер лигата ќе дејствуваат како независен, непристрасен и фер регулатор, без какво било надворешно влијание“, се додава во соопштението.
Манчестер Сити првично беше обвинет во февруари 2023 година по истрага за наводни прекршувања на правилата на Премиер лигата помеѓу 2009 и 2018 година. Случајот потоа беше проследен до независна комисија за одлука.
Foto/ Depositphotos






