Во Калкута ќе биде откриена 20-метарска статуа во чест на аргентинскиот фудбалер Лионел Меси.
Индиските медиуми објавија дека по овој повод се очекува доаѓањето на славниот Аргентинец во главниот град и најголем град на индиската држава Западен Бенгал.
Поради ова, во Калкута владее вистинска еуфорија. Статуата, која се наоѓа во близина на спортскиот клуб „Шри Бхуми“, го прикажува 38-годишниот фудбалер како го држи трофејот од Светското првенство во 2022 година освоен во Катар. Висока е 20 метри и ќе биде највисокиот споменик на Меси во светот.
„Нема поголема статуа на Меси. Тој има многу свои обожаватели тука. Луѓето велеа „Имаме статуа на Марадона, па зошто да немаме статуа на Меси?“ На крајот на краиштата, Марадона, Роналдињо и Емилијано Мартинез доаѓаа тука“, рече Суџит Босе, министер на Западен Бенгал и претседател на спортскиот клуб „Шри Бхуми“.
Церемонијата на откривање на статуата ќе се одржи во сабота, 13 декември, а беше најавено дека покрај Лионел Меси, во Индија ќе пристигнат и неговите пријатели и соиграчи од Интер Мајами, Уругваецот Луис Суарез и Аргентинецот Родриго Де Пол.
Foto/ depositphotos






