Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Лук Шо може да добие суспензија откако го обвини судијата Стјуарт Атвел дека не досудил пенал на мечот со Челси поради страв од јавната реакција, откако неговиот капитен Хери Мегваер изјави дека Шо погрешно ги слушнал зборовите кои биле кажани.
Играњето со рака на Калам Хадсон-Одои не беше доволно за пенал за „ѓаволите“ на „Стемфорд бриџ“, а по мечот, Шо, нешто што е ретко во англискиот фудбал, изјави дека го слушнал судијата Атвел во разговор со Мегваер како признава дека ќе има многу „зборување“ ако досудил пенал.
И менаџерот Оле Гунар Солскјер сметаше дека е пенал и ги обвини Челси дека сакаат да вршат влијание на судиите, но неколку часа подоцна, тонот од кампот на „ѓаволите“ се смени, кога стана јасно дека ќе има последици.
И покрај ова повлекување на изјавата на Шо, Фудбалската асоцијација (ФА) веднаш покрена случај против него, бидејќи се казнуваат фудбалерите кои „го напаѓаат интегритетот на судиите“.