Македонија подготвена за победа – Милевски и Димитриевски веруваат во триумф над Казахстан

Македонија подготвена за победа – Милевски и Димитриевски веруваат во триумф над Казахстан

пред 17 часа

Фудбалската репрезентација на Македонија го остави зад себе ремито со Белгија и веќе е насочена кон новиот предизвик. Утревечер на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје гостува селекцијата на Казахстан, а целта е јасна – победа и нови три бода во квалификациите.

Селекторот Благоја Милевски зрачи со оптимизам и верува дека неговите избраници се подготвени за уште една силна пресметка.

„Ќе биде многу тешко. Казахстан на првиот меч во Астана покажа дека има квалитет. Сега има и нов селектор и нова филозофија, но ние сме подготвени“, изјави Милевски.

И покрај исцрпувачкиот дуел во Гент, стратегот на македонскиот национален тим уверува дека физичката подготвеност не е проблем.

„Имавме тежок натпревар против Белгија, но сите играчи се подготвени да го дадат максимумот“, додаде селекторот.

Херојот од ремито со Белгија, голманот Столе Димитриевски, очекува голема поддршка од трибините и верува дека токму навивачите ќе бидат дополнителна сила на патот кон нова победа.

„Нашата цел е јасна – да излеземе и да победиме. Очекувам голема поддршка од публиката, се надевам дека ќе биде во голем број на стадионот за да ни даде дополнителна енергија. Секако дека постои разлика меѓу Белгија и Казахстан, но тоа не значи дека ќе биде лесно. Со помош на навивачите верувам дека ќе стигнеме до поволен резултат, а тоа, секако, е победа за нас“, истакна Димитриевски.

Македонија утревечер ќе има можност да го потврди добриот ритам и да ја продолжи борбата за висок пласман на табелата, а поддршката од трибините повторно ќе биде клучен фактор.

Share
Scroll to Top