Македонија ја доби највисоката планинарска трансверзала на Балканот — 202 километри над облаците

Македонија ја доби највисоката планинарска трансверзала на Балканот — 202 километри над облаците

пред 5 часа

Асоцијацијата Македонска Бесконечна Трансверзала – Самиана ја објави секцијата Z2, наречена Балканска Небесна Трансверзала, или Балкан Скајлајн Трајл. Со 202 километри и просечна надморска висина од 2.030 метри, ова е највисоката долга планинарска трансверзала на Балканот и една од највисоките во Европа. Трасата поминува по гребените на Шар Планина и масивот Кораб – два македонски планински колоси кои сеуште се речиси непознати во меѓународната планинарска заедница.

Како што наведува асоцијацијата, трасата поминува низ планински свет кој Европа сè помалку може да го понуди – ненаселен, незагаден, непренатрупан. Алпски пасишта на над 2.000 метри, леднички езера во каменити циркови, гребени кои не спуштаат туку продолжуваат кон хоризонтот. Шар Планина и Кораб се сеуште малку познати кај меѓународната планинарска јавност, а со Балкан Скајлајн Трајл, тоа се менува. Делот низ Кораб е оценет како екстремен и не е препорачлив за планинари без искуство на технички алпски терен. Ова е рута која бара подготовка, искуство и почит кон планината.

Балкан Скајлајн Трајл е осма јавно достапна секција на Самиана – Македонската Бесконечна Трансверзала, долгометражна планинарска рута која со своите 2070 километри во целост ќе ги поврзе речиси сите македонски планини. Проектот го развива и одржува Асоцијацијата на волонтери-планинари кои веќе неколку години ја оформуваат, мапираат и обележуваат трасата. Со објавувањето на ова секција, Македонија добива уште еден аргумент за да стане сериозна светска планинарска дестинација.

И додека западното крило сеуште се дооформува, источното крило на Македонската Бесконечна Трансверзала е веќе комплетно завршено и достапно. Седумте секции на источното крило, кои го поминуваат целиот централен и источен дел на Македонија , веќе привлекуваат странски планинари кои специјално патуваат во Македонија за да ги изодат. Со објавувањето на Z2, сликата на Самиана како комплетна трансверзала низ целата земја почнува да ја добива својата планирана форма.

Трасата на новата секција Z2 е достапна на sammiana.com со комплетни GPS записи, опис на сегменти и практични информации за планирање. Наменета е исклучиво за искусни планинари со GPS навигациски вештини и искуство во алпски терен.

(ПР)

Share
Scroll to Top