Манчестер сити пак се одвои на три поени пред градскиот ривал Манчестер јунајтед на врвот на Премиер лигата, откако со 2:0 славеа на гостувањето кај Барнли, за по 13-ти пат да победат во сите натпреварувања, во луда серија на тимот на Пеп Гвардиола.
Габриел Жесус ги донесе гостите во водство уште во третата минута, пред Рахим Стерлинг да ја круниса доминацијата во првото полувреме со втор гол во 38. минута. Ријад Марез постигна убав гол во 57. минута, но тој беше поништен поради офсајд ситуација, но победата на „граѓаните“ не беше во ниту еден момент под закана. Сити сега имаат 47 поени пред Јунајтед со 44 и со натпревар помалку.
Лестер, пак, се искачи на третото место на табелата со 42 поени, по 0:2 победата кај Фулам со головите на Ихеаначо (17. минута) и Џастин (44. минута). Ливерпул е четврти со 40 поени, но може да го врати третото место со победа над Брајтон вечерва.