Ф1 шампионите Мерцедес се незадоволни што загубија клучен инженер од својот тим, откако Бен Хоџкинсон ќе замине за да биде предводник на новиот оддел за производство на мотори на ривалите Ред бул, тврди „Кориере дело спорт “.
Хоџкинсон беше клучен дел на одделот за развој на моторите на Мерцедес, со кои „сребрената стрела“ доминира речиси цела деценија, и сега ќе има нов предизвик во Ред бул, кои формираа оддел за развој на мотори откако Хонда најави дека ќе се повлече на крајот на сезоната, и им дозволи да ги користат нивните постоечки мотори.
Според „Кориере“, заминувањето на Хоџкинсон ќе биде на „лоша“ основа, бидејќи тој заминува во директен ривал. Германските медиуми пак тврдат дека Мерцедес го пратија Хоџкинсон на платен одмор, со што ќе се спречи тој да отиде во Ред бул до крајот на 2022 година. Со ова Хоџкинсон ќе добива плата, но веќе нема да му бидат достапни информациите кои може да ги однесе кај конкурентот.