Германскиот ски-скокач Филип Рајмунд, кој јавно призна дека се плаши од височина, во понеделникот, освои олимписко злато, на малата скокалница, на Зимските олимписки игри Милано и Кортина.
Минатата година, токму поради неговиот страв од висина, тој беше принуден да се повлече од еден натпревар, за што отворено пишуваше на социјалните мрежи во тоа време.
„Многумина од вас веќе ме прашаа зошто не скокам, па еве објаснување. Како што некои од вас веќе знаат, имам страв од височина“, напиша Рајмунд на Инстаграм откако се повлече од натпреварот во Словенија минатиот март.
Потоа тој истакна дека најчесто успева да го држи тој проблем под контрола, и тоа, како што се испостави, беше случај и во финалето на Олимписките игри.
„Обично проблемот е што имам премногу сила во нозете и поради тоа моето движење е малку нестабилно. Па сега знаев дека само треба да се исправам и да го пуштам скокот да оди“, рече Рајмунд откако го освои златото.
Со најдобар скок од 106,5 метри и вкупно 274,1 поени, Германецот го победи Полјакот Качпер Томашак, кој освои сребро, додека Јапонецот Рен Никаидо и Швајцарецот Грегор Дешванден го поделија бронзениот медал.
Рајмунд пристигна на своите први Олимписки игри како шести скокач во светот. Пред ова натпреварување, неговиот најдобар резултат беше четвртото место на Светското првенство во екипна конкуренција, како и со само една победа во Светскиот куп, и тоа во мешана екипна конкуренција.
„Никогаш не сум победил на натпревар од Светскиот куп, а сега сум олимписки шампион и веројатно ќе бидам познат по тоа до крајот на животот, бидејќи имам златен медал. Навистина е неверојатно“, рече Рајмунд.
Foto/ EPA






