Работнички изненаден на свој терен од Академија Пандев, 0:2

Работнички изненаден на свој терен од Академија Пандев, 0:2

пред 4 години

Скопски Работнички денеска на нашиот најголем фудбалски стадион беше непријатно изненаден од струмичка Академија Пандев, пораз од 2-0 во рамки на 23 коло во ПМФЛ.

„Романтичарите“ по два триумфи и две нерешени во пролетниот дел го претрпеа првиот пораз откако на кормилот повторно е тренерот Влахо.

На спротивната страна, кај Академија недостасуваше тренерот Александар Васоски кој бил позитивен на коронавирус.

Гостите до предност од 1-0 дојдоа рано, уште во 11 минута. Крстовски со глава биеше неодбранливо.

Најголемите возбудувања во содржајното прво полувреме се случија во судиското надополнување по 45-тата минута.

По удар во стативата на голот на гостинскиот голман Јовановски, топката се одби до еден од играчите на Рабонички кој беше соборен во казнениот простор. Судијата покажа на белата точка. Пеналот го изведе Прелчец, но Јовановски го одбрани неговиот удар.

Во второто полувреме гостите од Струмица имаа обид кој заврши во пречката. Следуваше иницијатива на домашниот тим, која беше прекината со вториот гол на гостите од Струмица. Велиновски во 77 минута ги постави конечните 0-2.

По 23 кола Работнички останува на петтата позиција, со 32 бода, додека Академија Пандев е на деветтата позиција со 25 поени.

Останатите дуели од ова коло на програмата се утре.
Фото: ФК Работнички

Share
Scroll to Top