Фудбалскиот клуб Рексам, во сопственост на холивудските актери Рајан Рејнолдс и Роб Мекелен, го направи својот најамбициозен чекор досега, го контакриа данскиот играч од средниот ред Кристијан Ериксен во обид да го потпише, објави Би-Би-Си.
Ериксен (33), поранешен дански репрезентативец со 144 настапи, моментално е без клуб откако неговиот договор со Манчестер јунајтед истече на крајот од сезоната 2024/25.
Управниот одбор на Рексам го гледа Ериксен како идеално засилување кое би донело непроценливо искуство во првата сезона на клубот во втората лига на англискиот фудбал по 44 години.
Менаџерот на играчот, Мартин Скотс, потврди за „Дејли Мејл“ дека „проектот на Рексам е исклучително импресивен“, но додаде: „Кристијан сè уште сака да игра во врвните лиги и е решен да остане во Западна Европа“.
Од почетокот на летниот преоден рок, Рексам веќе ги доведе голманот на Велс, Дени Ворд, напаѓачот Рајан Харди, играчите од средниот ред Луис О’Брајан и Џорџ Томасон, левиот бек Либерато Кака и офанзивниот играч од средниот ред Џош Виндас.
Сепак, потенцијалното доаѓање на Ериксен би бил најзначајниот трансфер досега, доколку менаџерот Фил Паркинсон успее да го убеди да игра во Чемпионшип.
Минатата сезона, Ериксен одигра 35 натпревари и постигна пет гола за Манчестер јунајтед. Тој играше и за Ајакс, Тотенхем, Интер и Брентфорд, а со Јунајтед ги освои ФА Купот и Лига Купот.
Рексам ја отвора својата нова сезона во Чемпионшип со гостување кај Саутемптон на 9 август на стадионот „Сент Мери“.
Foto/ EPA