Саутемптон останаа со играч помалку по само десет минути игра, но ги намачија третопласираните Лестер за 1:1 реми на „Сент Мерис“, резултат со кој „лисиците“ пропуштија шанса практично да го обезбедат местото во Лигата на шампионите.
Јаник Вестергард доби црвен картон уште во 10-тата минута по еден старт над Џејми Варди во престрога одлука на судијата Роберт Џонс. И покрај тоа што гостите потоа имаа речиси 80 отсто од поседот на топката, Саутемптон дојдоа во водство во 61. минута преку Ворд-Прауз од пенал, пред Џони Еванс да израмни во 68. минута.
Тимот на Брендан Роџерс уште е на третото место со 63 поени, пет пред Челси на четвртото место и осум пред петтопласираниот Вест хем, додека Саутемптон се на 14. место со 37 поени.