Седум нови судии обвинети за местење натпревари во Грција

Седум нови судии обвинети за местење натпревари во Грција

пред 4 часа

Скандалот што ја потресе грчката кошарка доби ново поглавје, откако властите започнаа истрага против уште седум судии под сомнение за местење натпревари.

Меѓу нив се и тројца арбитри кои делеа правда во највисокиот ранг на грчката кошарка.

Како што објавува грчката телевизија „Стар“, а наведува и порталот „Атлетико“, седум судии треба да бидат повикани во наредните денови за да дадат објаснувања во врска со нивната наводна вмешаност во манипулацијата на кошаркарските натпревари.

Засега нема потврда дека против нив се покренати обвиненија или дека нивната вина е утврдена.

Пралелно, грчката Управа за спречување на перење пари спроведува посебна истрага во која се вклучени пет лица. Новиот развој дополнително го проширува случајот што веќе предизвика големи пресврти во кошарката таму.

Истрагата првично се најде во центарот на вниманието на јавноста по издавањето на налози за апсење на шест лица осомничени за местење натпревари и поткуп.

Меѓу имињата што се најдоа под лупа на истражните органи беа арбитри поврзани со Евролигата: Илијас Коромилас, Петрос Папапетру и Василики Царука, додека поранешниот судија Тасос Пилоидис е исто така споменат во случајот.

Според медиумите, Царука била единствената меѓу нив што сè уште била активна во судискиот систем на Евролигата кога избувна скандалот. Евролигата ја суспендираше по нејзиното апсење во Грција.

Случајот остави сериозни последици за управувачките структури на грчката кошарка. Претседателот на Кошаркаскиот сојуз на Грција поднесе оставка, по што беше избран нов лидер.

Истрагата продолжува, а презумпцијата на невиност важи за сите споменати лица сè додека не се утврди евентуалната одговорност во соодветната постапка.

Foto/ Depositphotos

Share
Scroll to Top