Српската ракометна репрезентација направи големо изненадување, совладувајќи ја Франција со 27:24 (14:11) во квалификациски меч за Европското првенство во 2022 година во Зрењанин.
Иако во двете репрезентации недостасуваа главните ѕвезди, Французите беа огромни фаворити во мечот и почнаа со водство до средината на првото полувреме, кога Србите направија серија за пресврт и 9:7 водство. На полувреме се отиде со 14.11 предност, по што во второто полувреме не дозволија камбек на противниците за да поведат и со пет разлика.
Мијајло Марсениќ и Лазар Кукиќ беа најдобри за Србите со шест постигнати голови, додека ист број имаше и Кентин Мае за французите. Ова беше прв меч на Србија под водство на новиот селектор, Шпанецот Тони Џерона.
Во меч од шестата квалификациска група исто така имаше изненадување, откако Белорусите со високи 32:25 (17:10) ја совладаа Норвешка.