Филмски хаос во Англија: Два приватни авиони, алчни менаџери и хаос до последен момент

Филмски хаос во Англија: Два приватни авиони, алчни менаџери и хаос до последен момент

пред 3 часа

Последниот ден од преодниот рок во Англија донесе две драматични ситуации. За првата, како Монако го изигра Челзи, за трансферот на Ламин Камара, веќе пишувавме. Втората е поврзана со крлиниот напаѓач на Лион, Малик Фофана и таа се граничи со холивудско сценарио.

Три клуба, два приватни авиони, огромни менаџерски провизии и целосен хаос резултираа со една од најбизарните трансфер саги што фудбалот ги видел.

Сè започна кога Арсенал покажа интерес за 21-годишниот белгиски репрезентативец, бидејќи „топџиите“ бараа лево крило, откако Габриел Мартинели замина во Саудиска Арабија.

Сепак, англискиот првак набрзо се повлече и одби да плати 35 милиони евра, што Лион ги бараше за Фофана.

Ситуацијата се чинеше дека е решена кога Сандерленд ја достави бараната сума.

Клубот од североисточна Англија брзо се согласи на пакет вреден 35 милиони евра и подготви петгодишен договор за Фофана.

Беа закажани медицински прегледи и сè беше подготвено за потпис на договорот.

И потоа започна хаосот.

Во моментот кога Фофана се чинеше дека ги пакува куферите за Сандерленд, Кристал Палас се вмеша и одлучи да го „украде“ играчот.

Лондонскиот клуб му понуди на Лион 39 милиони евра, што францускиот клуб неволно го прифати, по што го извести Сандерленд дека нивниот претходен договор повеќе не важи.

Колку неверојатна беше ситуацијата, најдобро покажува фактот дека луѓето на Фофана имаа два приватни авиони подготвени на пистата, едниот за Лондон, а другиот за североисточна Англија.

Во тој момент, Фофана реши да лета за Лондон, со цел да го заврши трансферот во Кристал Палас.

Сепак, Сандерленд не сакаше да се откаже.

Клубот веднаш ја изедначи понудата на Палас од 39 милиони евра, но отиде чекор понатаму – значително ги зголеми провизиите наменети за менаџерите на Фофана.

Следеше нов пресврт.

Фофана беше информиран дека треба да се качи на авион за Сандерленд, оставајќи ги шефовите на Кристал Палас во шок.

Тие дури и не знаеја каде е играчот во тој момент.

Навредени, но решени да ја завршат работата, луѓето од Палас одговорија со нов потег.

Тие ја зголемија својата понуда за платата на Фофана и го изедначија пакетот за менаџерите што го понуди Сандерленд, уверени дека ќе го зграпчат играчот по втор пат во истиот ден.

Додека чекаше менаџерите да му кажат во кој авион треба да се качи, Фофана отиде на лекарски преглед во Лион.

Проблем? Тој дури и не знаеше за кој клуб го прави лекарскиот преглед.

Се чинеше дека Фофана ќе биде избран од Кристал Палас, меѓу другото, поради можноста повторно да работи со тренерот Пјер Сејџ, кој претходно го водеше во Лион.

Сепак, клучниот момент се случи во 21:24 часот.

Тогаш сопственикот на Сандерленд, Сирил Луис-Драјфус, слета во Лион и се соочи со младиот Белгиец.

Тој разговор очигледно направи разлика.

На крајот, само еден час пред крајот на преодниот рок, Фофана слета во Сандерленд и го потпиша договорот.

Во целата сага, без сомнение, најголемите победници се менаџерите на Фофана, кои по еден од најлудите трансфер денови во поновата историја на англискиот фудбал си заминаа дома со огромни бонуси.

Foto/ Depositphotos

Share
Scroll to Top