Барселона со пресврт победи со 2:1 на гостувањето кај Лас Палмас во 19. коло од Ла Лига. Домашните имаа предност на полувремето, но гостите во вториот дел успеаја да го свртат натпреварот во своја полза.
Тренерот на Барселона Чави донесе интересна одлука на 20 минути пред крајот на натпреварот. При резултат 1:1 го извади од игра Роберт Левандовски.
„Го сменив Левандовски затоа што ни требаа напаѓачи кои можат да напаѓаат зад одбраната, како Витор Роке и Феран Торес. Ова беше натпревар за играчи како Жоао Феликс, Рафиња и Ламине Џамал, помалку за Роберт затоа што тој не го напаѓа просторот зад одбраната “, изјави Чави.
Новинарот констатираше дека одлуката да го замени Левандовски беше изненадување за сите.
„Зошто изненадување? Така е од првиот ден кога дојдов овде. Ништо не се промени. Кај мене нема недопирливи”, одговори Чави.
Левандовски, 35-годишниот Полјак, во Барселона е од 2022 година. Оваа сезона постигна девет гола со пет асистенции, но на последните седум натпревари постигна само еден гол.