Еден од неодамнешните потези на Михаел Шумахер се смета за „позитивен знак“ поврзан со неговото здравје, откри француски новинар. Сепак, легендата на Формула 1 сè уште не може да зборува и нема јавни индикации дека може да оди.
Шумахер (56) имаше сериозна несреќа на скијање во 2013 година за време на семеен одмор во Мерибел, Франција, и оттогаш не е виден во јавноста, пишува „Дејли Мејл“.
Информациите за здравјето на седумкратниот светски шампион се многу ретки, но новинарот на „Лекип“, Стефан Лермит, се обиде да даде увид во животот на Шумахер.
„Не би рекол дека е добро, но можеби е малку подобар, бидејќи во основа не знаеме ништо“, изјави тој за „Ер-Те-Ел“.
Причина за оптимизам е фактот дека Михаел Шумахер потпиша кацига претходно оваа година. Тоа е бела кацига со дезен „Ројал Стјуарт Тартан“, каква што носеше Џеки Стјуарт во својата кариера, а Шумахер ја потпиша со иницијалите „MС“ со помош на неговата сопруга Корина.
„Единствените вистински вести доаѓаат од неговото семејство, а тоа е секогаш многу важно, бидејќи вестите што доаѓаат од неговото семејство се добри вести. Вестите што доаѓаат однадвор веројатно не вредат многу“, додаде Лермит.
„Оваа година тој потпиша кацига. Беше за добротворен настан. Дали неговата сопруга го држеше за рака? Не знаеме точно, но тоа беше прв пат да имаме позитивен знак, речиси знак на живот“, истакна тој.
„Но, фактот е дека сè уште не сме го виделе како оди, и очигледно сè уште не може да зборува. Значи, сè уште се справуваме со некој што дише, кој можеби има некои мали интеракции со своето семејство, но не можеме со сигурност да кажеме дека е добро.“
Светот на Формула 1 беше во шок на крајот на 2013 година кога Шумахер доживеа несреќа што речиси го чинеше живот. Кога падна, ја удри главата во карпа. Иако кацигата апсорбирала голем дел од ударот, нејзината надворешна обвивка пукнала, што резултирало со тешка трауматска повреда на мозокот.
По несреќата, тој бил ставен во индуцирана кома и бил подложен на две операции на мозокот. Дури во јуни 2014 година неговата состојба била доволно стабилна за да биде префрлен на понатамошна рехабилитација.
Феликс Горнер, новинар за германската телевизиска станица „Ер-Те-Ел“, откри во март дека Шумахер „веќе не може да комуницира вербално“.
„Ситуацијата е многу тажна. Тој има потреба од постојана грижа и е целосно зависен од неговите негуватели. Во моментов, максимум 20 луѓе можат да му пристапат на Михаел“, рече Горнер.
Шумахер е еден од најуспешните возачи во историјата на Формула 1, освојувајќи седум титули светски шампиони (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003 и 2004), со 71 најбрз круг и 155 подиуми.
Фото/ Принтскрин