Американскиот МЛС клуб, Интер Мајами поднел барање до МЛС лигата да им биде дозволено да носат црни ленти во знак на жалост за починатиот британски принц Филип, потврдија од клубот во сопственост на Дејвид Бекам и со неговиот поранешен соиграч Фил Невил како главен тренер.
„Мислам дека планот е да носиме црни ленти. Зборував со Дејвид за ова пред неколку дена и не сум сигурен дали помина кај МЛС и дали ни треба посебна дозвола. Мислам дека е во ред да оддадеме почит“, изјави Невил.
По смртта на принцот Филип, сите англиски клубови ги започнаа мечевите со двеминутно молчење за сопругот на кралицата Елизабета Втора. Неколку саботни меча беа поместени за да не се поклопат со погребот на принцот.