Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, стави вето на сите заминувања на играчи за време на јануарскиот преоден рок. Одлуката најмногу ги разочара Коби Маину и Џошуа Зиркзе, кои не криеја дека цел им е да го напуштат клубот.
Со оглед на тоа што клубот се бори за место во Лигата на шампионите, но во исто време има големи проблеми со повреди, Аморим не сака дополнително да го ослаби тимот, а се чини дека нема да има пристигнувања на „Олд Трафорд“.
Џошуа Зиркзе, кој постигна гол во ремито против Вулверхемптон, но беше заменет на полувремето, разочара откако пристигна од Болоња во летото 2024 година за 40 милиони евра.
Рома покажа интерес за холандскиот напаѓач, но италијанскиот клуб наводно го сака само на позајмица, а не во траен трансфер.
Од друга страна, Коби Маину, кој моментално е повреден, не започна ниту еден натпревар во Премиер лигата оваа сезона и повторно побара да оди на позајмица, исто како што тоа беше случај и на стартот на новата сезона.
Сепак, бидејќи на Јунајтед му недостасуваат осум играчи поради повреди и Африканскиот куп на нации, Аморим не е подготвен дополнително да ја скрати веќе кратката ротација.
На прес-конференцијата пред натпреварот против Лидс во недела, Аморим беше јасен:
„Трансфер рокот нема да смени ништо, не разговарамеза било какви промени во составот. Постои процес, постои идеја, блиску сме до местата во Лигата на шампионите, но исто така блиску до осум екипи зад нас, па сме фокусираме на следниот натпревар.“
Кога директно го прашаа дали играчите изразиле желба да си заминат, тој одговори: „Не, никој не го стори тоа. Не очекувам да побараат да си заминат.“
Foto/ depositphotos






