Ангеловски: Не сум тренер што калкулира, особено не да играм нерешено!

Ангеловски: Не сум тренер што калкулира, особено не да играм нерешено!

пред 4 години

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски во Никозија, Кипар ја одржа вообичаената прес-конференција пред утрешниот квалификациски меч во Лигата на нации, последен во вториот циклус од ова натпреварување.

Популарниот Мрме рече дека не сака да се жали, иако на последниот дуел против Ерменија ќе недостасуваат во составот речиси две третини од првотимците кои го остварија историскиот пласман на едно Европско првенство.

„Никогаш не сум бил тренер што калкулира, а особено не да играм нерешено. Тоа ми е маана очигледно. Имаме доволно квалитет, играчите кои се тука се подготвени да покажат зошто се тука. Секој позитивен резултат не носи во Б групата во Лигата на нации и тоа е многу важно. И порано сме имале казнети и повредени, и не сме се жалеле. Одбраната со Дарко Велковски функционира добро и немаме намера да експериментираме. Имаме доволно играчи во средниот ред“ рече Ангеловски.

Селекторот смета дека оваа репрезентација секогаш се подготвува за победа.

„Целта е првото место, да се заокружи овој циклус со победа, а дали се освен победа ќе биде разочарување, не би сакал да коментирам. Ние секогаш се подготвуваме за победа. Доколку ние сме вистинските, ќе ги диктираме околностите на мечот и нема да имаме проблеми“ – посочи Игор Ангеловски.

Мечот меѓу Ерменија и Македонија се игра утре со почеток во 18 часот на неутрален терен во Кипар, поради ситуацијата во Ерменија. На Македонија која е лидер на табелата доволен и е и бод за заверка на првото место кое носи пласман од сегментот Ц во Б за следните квалификации.

Фото: FFM.mk

Share
Scroll to Top