Артета: Совеста ми е чиста, Озил доби шанса како сите во тимот

Артета: Совеста ми е чиста, Озил доби шанса како сите во тимот

пред 4 години

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета тврди дека има „мирна совест“ по одлуката да го исклучи Месут Озил од 25-члениот тим за Премиер лигата, инсистирајќи дека постојаното отсуство на поранешниот германски репрезентативец нема врска со одбивањето да ја намали својата плата во текот на летото.

Озил во средата се јави со соопштение во кое ја нападна лојалноста на „топчиите“ кон него, откако не беше вклучен во составот за првата половина од сезоната. Тој тврдеше дека со новиот договор во 2018 ја покажал лојалноста кон клубот кој го сака, лојалност која не била возвратена.

Артета, на прес-конференцијата за мечот од Лига Европа против Рапид Виена, вели дека се работи за чисто фудбалски причини.

„Секој има право да го каже своето мислење. Од моја страна можам да кажам дека се работи за фудбалска одлука, дека мојата совест е многу мирна бидејќи бев фер кон Месут. Нивото на комуникација секогаш беше на високо ниво и двајцата знаеме што можеме да очекуваме еден од друг. Тој имаше шанса како сите во тимот, и никогаш не е пријатно некого да исклучуваш од оваа листа, но одлуката е донесена и е чесна. Со Месут имам исто чувство кое го имам како кога дојдов во клубот“, вели Артета.

Кога пристигна во Арсенал во декември како замена за Унаи Емери, Артета сакаше да го гради тимот околу својот поранешен соиграч од „топчиите“ и Озил стартуваше 11 меча пред пандемијата на корона вирусот. Но, оттогаш, Озил нема ниту еден настап за тимот, а во Англија постоеја шпекулации дека тоа е поради одбивањето на Озил да прифати кратење на платата од 12.5 отсто.

Озил го крена гласот: Не ми даваат да играм за Арсенал

Share
Scroll to Top