Италија ја продолжија низата на 30 меча без пораз, откако по продолженијата со 2:1 ја совлада Австрија во осминафиналето на ЕУРО 2020 на „Вембли“ во Лондон, преживувајќи го првиот вистински тест за тимот на Роберто Манчини.
Откако веќе беа промовирани во први фаворити за титулата на ЕУРО по импресивните три меча во групната фаза, Италијанците се намачија со одбраната на Австрија предводена од новата ѕвезда на Реал Мадрид, Давид Алаба, пред во продолженијата да постигнат два гола за да обезбедат четврт-финале против подобриот од мега-пресметката помеѓу Белгија и Португалија.
Чиро Имобиле ја погоди стативата во првото полувреме, во кое Италијанците беа убедливо подобри, но како што течеше мечот, така и Австријците се закануваа. Давид Алаба имаше убав обид од слободен удар, а потоа му асистираше на Марко Арнаутовиќ во 67. минута за гол, но тој беше поништен поради офсајд.
Само што почна продолжението на сцена стапи ѕвездата на Јуве, Федерико Киеза, кој во 95. минута имаше совршена акција за да го совлада Бахман и конечно да донесе водство за „аѕурите“. Австријците „фрлија“ се на една карта, но казната стигна во 105. минута кога Матео Песина зголеми на 2:0. Австрија не се откажа и во 114. минута преку Саша Калајџиќ намалија на 2:1, но немаше доволно време за пресврт.