Ајнтрахт стигна до импресивна 2:1 победа на гости кај Спортинг Лисабон, додека Тотенхем во финишот со 1:2 го победи лимпик Марсеј на „Велодром“ за двата тима да се пласираат во осминафиналето на Лигата на шампионите по последното коло од групната фаза.
Само групата Д беше неизвесна, бидејќи четирите клуба имаа шанси за пласман, додека во групата А, Ливерпул и Наполи, и во групата Ц, Баерн Минхен и Интер веќе беа пласирани.
Во Марсеј, во пеколна атмосфера направена од верните навивачи на Марсеј, тимот на Игор Тудор прв дојде во водство во финишот на првото полувреме преку Шансел Мбемба, откако прво истиот фудбалер го „нокаутираше“ Сон Хеунг-Мин при судар со глави, по што Кореецот мораше да го напушти мечот со потрес на мозокот. „Спасител“ за тимот на Антонио Конте беше Клемен Ленгле, кој во 54. минута по одличното нафрлање на Иван Перишиќ израмни, пред Пјер-Емил Хојбјерг во 95. минуата да го осигура првото место на табелата.
Уште поголем камбек направија Ајнтрахт. Артур Гомеш во 39. минута донесе 1:0 водство за Спортинг, пред Даичи Камада да израмни од пенал во 62. минута, за 10 минути подоцна Коло Муани да донесе победа за актуелниот шампион од Лига Европа.
На „Енфилд“, Ливерпул им го нанесе првиот пораз на Наполи во сите натпреварувања оваа сезона, но сепак, заврши како втор во групата А. Откако на гостите во 53. минута им беше поништен голот на Остигард поради минимален офсајд, Мохамед Салах во 85. минута донесе водство, пред Дарвин Нуњез во 96. минута да ја потврди победата, важна за самодовербата на тимот на Јирген Клоп.
Слично беше и на „Алијанц арената“, каде што Баерн го комплетираше натпреварувањето со шест победи во низа, триумфирајќи над Интер со 2:0 со головите на Бенжамин Павар (32.) и Ерик-Максим Чупо-Мотинг (82.). Барселона, во безначаен меч на гости во Чешка, стигна до 4:2 победа над Викторија Плзењ.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 6.КОЛО
ГРУПА А
Ливерпул – Наполи 2:0
Глазгов Ренџерс – Ајакс 1:3
ГРУПА Ц
Баерн Минхен – Интер 2:0
Викторија Плзењ – Барселона 2:4
ГРУПА Д
Олимпик Марсеј – Тотенхем 1:2
Спортинг Лисабон – Ајнтрахт Франкфурт 1:2