Барселона направи голем чекор кон шампионската титула и сега има можност да ја круниса сезоната на најсладок можен начин, со победа против својот најголем ривал во Ел Класико.
Каталонците ги искористија двата последователни неуспеси од Реал Мадрид и со победите над Атлетико Мадрид (2:1) и Еспањол (4:1) избегаа на девет бода предност, поради што сега се на чекор до 29-ти трофеј во клупската историја.
Доколку и Барселона и Реал ги добијат следните три лигашки натпревари дотогаш, тимот од „Камп Ноу“, на 10 мај ќе има можност математички да ја обезбеди титулата пред своите навивачи.
Во тој случај, со победа против Реал, Барселона би стекнала недостижна предност од 12 бода три кола пред крајот, што дополнително ја зголемува важноста на претстојното Ел Класико.
Додека Барселона изгледа сè посигурна и порешителна во борбата за титулата, Реал Мадрид поминува низ сериозна криза. Поразот од Мајорка (1:2) и ремито против Џирона (1:1) го фрлија мадридскиот тим во многу тешка ситуација, а неговата сезона е се поблиску и поблиску до работ на колапс.
Проблемите за Реал не запираат само во Ла Лига. Помеѓу двата првенствени неуспеси, тој загуби и од Баерн со 1:2 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите, на домашен терен. Тренерот Алваро Арбелоа призна дека неговиот тим не бил на потребното ниво.
Реванш натпреварот во Минхен ќе се игра во среда, а Реал ќе мора да бара победа за да ја спаси сезоната. Во најелитното клупско натпреварување, Барселона исто така треба да го надомести минусот откако загуби со 2:0 од Атлетико во првиот натпревар.
Foto/ EPA






