Фудбалерите на Арсенал одиграа перфектен натпревар против Реал, славеа со 3:0 и стекнаа речиси недостиѓна предност пред четвртфиналниот реванш во Мадрид.
По првото полувреме во кое немаше голови, избраниците на Микел Артета постигнаа три гола во вториот дел, а се истакна Деклан Рајс, кој постигна два гола од слободни удари. Конечниот резултат го постави Микел Мерино.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти во краткото интервју за „Movistar“ ги коментираше шансите за пресврт.
„Многу пати сме правеле пресврти и сега мораме да го направиме тоа повторно. Комплицирано е, но мораме да се обидеме од првата до последната минута. Во текот на еден час тимот беше добар, а потоа скапо ги плативме двата гола од слободни удари. Ментално не бевме добри на крајот од натпреварот“, рече тој и додаде: „Ова е доста тежок пораз. Имаше интензитет, додека не го постигнаа вториот гол“.
По средбата, Џуд Белингам се истакна со своите критички коментари. Англискиот играч од средниот ред призна дека Арсенал е подобриот тим и рече дека Реал може да биде среќен што прими само три гола: „Имавме среќа што примивме само три. Сепак, ако некој тим може да се врати после ова, тоа е Реал. Сега ни треба совршена, магична ноќ во Мадрид“.