Ракометарите на Вардар, убедливо го совладаа Еурофарм Пелистер со 31:23 (15:12), во дербито од 11-то коло во домашното првенство. Во дербито тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, целосно тактички го надигра својот поранешен тренер и учител, Лино Червар.
Вардар, носен од навивачите во „Јане Сандански“, подобро влезе во натпреварот, стекна предност од три гола (5:2), потоа и 8:5, но Пелистер не дозволи предноста на домаќинот да расте.
Успеаја Битолчани да се доближат и на гол негатива, не успеаја да изедначат, а Вардар во финишот одигра подобро и ја врати максималната разлика.
Вториот дел започна изедначено, а Вардар се покажа клучната предност ја изгради во периодот од 37-та до 39-та минута. Во тој период, при предност од три гола, Атанасијевиќ промаши зицер, црвено-црните постигнаа гол, а во следниот напад Атанасијевиќ лесно продаде топка, по што предноста на Вардар изнесуваше пет гола.
Од тој шок Битолчани не се оправија.
Љевар со седум и Да Силва со шест гола беа најефикасни кај Вардар. Се истакна и голманот Гогов со шест одбрани и два постигнати гола. Вообичаено кај Пелистер се издвои едно име, капитенот Кузмановски, постигна девет гола.
Foto/ facebook.com/rkvardar






