Аргентина е првата репрезентација која обезбеди четвртфинале на Копа Америка. Актуелните светски и јужноамерикански шампиони го совладаа Чиле со 1:0 на стадионот „Мет Лајф“ во Њу Џерси.
Решавачкиот момент се случи во 88.минута. По корнерот кој го изведе Меси и една флипер ситуација во шеснаесетникот на Чиле, најдобро се снајде Лаутаро Мартинез кој од неколку метри го совлада голманот Браво.
Аргентина доминираше во текот на целиот натпревар, Меси и колегите упатија 21 удар кон противничкиот гол.
Натпреварот го следеа повеќе од 80 илјади навивачи, а се подразбира дека повеќе од 90 отсто навиваа за Аргентина, од кои најголем број во дресови со број 10.
Еден гол го реши победникот и во вториот натпревар во оваа група. Канада беше подобра од Перу со 1:0. На Перуанците, кои од 59. минута играа со играч помалку, бидејќи беше исклучен Араухо, им пресуди Џонатан Дејвид, со гол во 74. минута.
Натпреварот се одигра на стадионот во Канзас Сити.