(Видео) Ништо ново во НБА, трипл-дабл за Јокиќ и Дончиќ

(Видео) Ништо ново во НБА, трипл-дабл за Јокиќ и Дончиќ

пред 2 месеци

Никола Јокиќ и Лука Дончиќ уште еднаш потврдија дека се најсериозни кандидати за МВП наградата. Србинот и Словенецот ги предводеа своите тимови до победите над Торонто, односно Чикаго.

Актуелните шампиони, Денвер Нагетс, против Торонто Репторс надоместија негатива од 22 поени, на крајот славеа со 125:119.

Никола Јокиќ го забележа 21. трипл-дабл во сезоната, 126. во кариерата. Центарот на Денвер мечот го заврши со 35 поени, 17 скокови, 12 асистенции, шест украдени топки и две блокади.

Јокиќ од Ол-стар викендот има трипл-дабл просек од 26,7 поени, 13,6 скока, 10,6 асистенции.

Во победата на Дневер се истакнаа Џамал Мареј со 26 поени, 12 асистенции и пет скока, Арон Гордон додаде 19 поени, исто како Мајкл Портер, кој имаше и осум скока.

На спротивната страна Ар-Џеј Барет постигна 26 поени, девет асистенции и седум скока, Кели Олиник 24 поени со шест скока, а Грејди Дик имаше 17 поени со седум асистенции.

Скорот на Денвер е 45-20, а на Торонто 23-42, а овој пораз им беше четврти во низа.

Кошаркарите на Далас Маверикс убедливо славеа во Чикаго со 127:92.

Дончиќ мечот го заврши со 27 поени, 14 асистенции, 12 скока, две блокади и една украдена топка. Словенецот го подобри сопствениот рекорд, на последните седум натпревари има трипл-дабл учинок.

Кај Далас се истакнаа и Дерек Лајвли со 22 поени и седум скока и Даниел Гафорд со 20 поени и седум скока.

Кај Чикаго најефикасен беше Онуралп Битим со 17 поени и шест скока, Никола Вучевиќ додаде 13, со шест скока, а ист поентерски учинок имаше и Демар Дерозан.

Далас сега има 37-28, додека Чикаго 31-34.

НБА резултати:

Детроит – Шарлот 114:97
/Канингем 22 – Бриџис 24, Вилијамс 22/

Кливленд – Феникс 111:117
/Гарланд 30 – Дурент 37/

Сан Антонио – Голден Стејт 102:112
/Вембањама 27п, 14ск – Куминга 22, Томпсон 21/

Портланд – Бостон 99:121

/Ајтон 22п, 15ск – Браун 27, Тејтум 26/

Share
Scroll to Top