(Видео) Салах потврди дека го напушта Ливерпул

(Видео) Салах потврди дека го напушта Ливерпул

пред 3 часа

Египетскиот фудбалер Мохамед Салах ќе го напушти Ливерпул на крајот од сезоната.

Иако минатата година потпиша нов договор кој го врзува за клубот до 2027 година, шпекулациите за неговата иднина следеа во текот на целата сезона, особено поради лошите резултати на тимот по освојувањето на титулата во Премиер лигата.

Ситуацијата беше дополнително обележана со конфликтот меѓу Салах и тренерот Арне Слот, кога Египќанецот јавно изјави дека се чувствува како да е „фрлен под автобус“.

Во видео порака на социјалните мрежи, Салах го потврди своето заминување и се збогува емотивно со клубот и навивачите.

„Здраво на сите. За жал, дојде и тој ден. Ова е првиот дел од моето збогување. Ќе го напуштам Ливерпул на крајот од сезоната“, рече Салах. Тој додаде дека никогаш не можел да замисли колку клубот, градот и луѓето ќе станат дел од неговиот живот.

„Ливерпул не е само фудбалски клуб. Тоа е страст, историја и дух што не може да се опише со зборови за оние кои не се дел од овој клуб.“

Египетскиот напаѓач пристигна на „Енфилд“ во 2017 година од Рома и одигра вкупно 435 натпревари во дресот на „црвените“, со импресивни 255 постигнати голови.

Ливерпул потврди дека е постигнат договор со Салах за завршување на неговото деветгодишно поглавје на „Енфилд“.

„Салах ја изрази својата желба да го соопшти ова на навивачите што е можно поскоро, со цел да се обезбеди транспарентност во врска со неговата иднина, од почит и благодарност кон нив“, се вели во соопштението на клубот.

Салах го напушта Ливерпул како двократен шампион на Англија, каде што беше најдобар стрелец во дури четири наврати, освојувач на трофејот во Лигата на шампионите, како и на Светското клупско првенство, Европскиот суперкуп, ФА купот и Комјунити шилд, и три пати шампион во Лига купот.

Foto/ /depositphotos

Share
Scroll to Top