(Видео) „W15 Е“, последниот болид на Хамилтон во Мерцедес

(Видео) „W15 Е“, последниот болид на Хамилтон во Мерцедес

пред 3 месеци

Тимот на Мерцедес го претстави новиот болид „W15 E“, пред тестирањето во Силверстоун. Мерцедес на социјалните мрежи го сподели последниот болид што Луис Хамилтон ќе го вози за овој тим пред да се пресели во Ферари.

„Минатата недела беше емотивна. Му се приклучив на тимот во 2013 година. Овде сум 11 години, влегов во 12. Привилегија е да работам со оваа група луѓе, нивната напорна работа во текот на зимата доаѓа заедно со автомобилот. Тоа е највозбудливиот дел од сезоната, кога сите ги промовираат новите болиди. Возбудливо е да ги испробуваме на патеката“, рече Хамилтон.

Тимот се соочува со големи предизвици иако заврши на второто место во конструкторскиот поредок.

„Нема чуда во овој спорт. Нашите амбиции и намери се силни. Добро напредуваме кон тоа. Имавме неколку приоритети за овој болид, ќе видиме дали го направивме вистинскиот чекор”, изјави директорот на тимот Тото Волф.

На веб-страницата на германскиот тим се наведува дека новиот болид е изграден на искуството од претходните две сезони и му овозможува на тимот да направи големи промени. Меѓу нив наведуваат нова шасија и менувач.

„Фокусот беше и на поправање на непредвидливата задна оска на претходниот болид. Тимот работеше напорно за да се осигура дека двете оски, особено задната, одржуваат подобра контрола на гумите отколку што беше случајот со „W14“, се вели во соопштението на нивната веб-страница.

Хамилтон, заедно со клупскиот колега Џорџ Расел, ќе имаат можност веднаш да го тестираат новото возило, пред претсезонските тестови во Бахреин следната недела.

Share
Scroll to Top